
Црвено кадифе торта, вистински празник за очите и непцето.
Можеби за наше поднебје оваа торта е необична поради бојата, ама мене лично ми е една од омилените. Рецептот ви го напишав за торта, а јас од овие состојки изработив срциња.
Израдувајте ги вашите сакани и себеси
Состојки:
За бисквит
125 гр путер
200 гр шеќер
2 ванилин шеќери
2 јајца
250 мл јогурт
црвена прехрамбена гел боја
250 гр брашно
1 рамна лажичка какао
прстофат сол
1 лажичка сода бикарбона
1 лажичка оцет
За крем фил:
350 мл слатка павлака
500 гр маскарпоне
100 гр шеќер во прав
1 лажичка ванила арома
Подготовка
- Во јогуртот ставаме боја и соединуваме. Додаваме боја до саканата нијанса.
- Омекнатиот путер го матиме со шеќерите, па додаваме едно по едно јајце.
- Сувите состојки ги соединуваме.
- Кон путер смесата постепено додаваме од сувите состојки и јогуртот.
- Во оцетот ставаме сода и кога ќе запени промешуваме и веднаш ја ставаме во смесата за бисквит.
- Во тавче со пречник 22 см на хартија за печење ставаме половина од смесата(печеме, па потоа втората половина), а ако имате две тавчиња распоредете во двете (јас мерам на вага кога ги делам).
- Печеме во загреана рерна на 160 степени со вентилатор, околу 15 минути. Откако ќе изладат секоја кора ја сечеме на половина.
- За кремот ја матиме слатката павлака во цврст шлаг, при крај додаваме ванила екстракт.
- Маскарпонето оставено на собна температура исто го матиме и потоа со шпатула соединуваме со слатката павлака. Кремот го делиме на 4 дела и ја филуваме тортата.
Забелешка
Ако правите срциња како мене од корите ќе ви излезат 8 срциња.
Ако правите торта ја филувате класично и целата ја премачкувате со фил. Декорирајте ја со трошките кои ќе ви останат после сечење.
Најдобра опција за фил е пола доза маскарпоне, а пола некое друго крем сирење, јас најчесто ставам АБЦ.







