
Павлова торта овој пат подготвена како венец.
Нежна и елегантна како и балерината Ана Павлова на која и е посветена оваа торта.
Од овошје ставаме мандарини и малини и тоа скромно… Мислев дека нема да ми ја сакаат дома ако си ставам јас по мој ќеиф, ама и многу брзав за да ја фотографирам и послужам. Арно ама, овошјето е тоа што и дава убавина и освежување на оваа прекрасна торта, па така за секое поделено парче си доставаа овошје по вкус.
Ако ви се допадне рецептот или фотографијата не мора да ми аплаудирате, доволно е да ставите и да го споделите со пријателите.
Состојки:
3 белки
200 гр шеќер
1 лажица густин
1 лажица јаболков оцет
За фил:
400 мл слатка павлака
130 гр бело чоколадо
Овошје по желба и вкус
1-2 мандарини
неколку малини
Подготовка:
- На хартија за печење која ја сечеме со димензии на округла тава бр.28, цртаме 8 кругови, ама не до крај на хартијата, па ја превртуваме. Белките кога ќе се печат ќе нараснат па да не ни доаѓаат и ни се залепат на страниците на тавчето.
- Ја вклучуваме рерната на 90 степени да ни се загрее.
- Белките ги матиме со миксер за да побелат, па постепено додека се матат им го ставаме шеќерот. На крајот ставаме густин и оцет и соединуваме.
- Смесата од белки ја ставаме во шприц или пак со лажица, на местата каде што сме нацртале кругови.
- Печеме во загреана рерна 1 час и потоа оставаме уште 1 час да се излади во рерната.
- Белото чоколадо со 3 лажици слатка павлака го растопуваме на пареа, во микро или на најниска температура на рингла. Оставаме кратко да подизлади.
- Го матиме заедно со слатката павлака, шлагот го ставаме во шприц и на секој испечен круг (пуслица) ставаме подеднакво од филот.
- Редиме овошја по желба и вкус.
Забелешка
Венецов може да си го украсите по желба, со рендано чоколадо, бадем листови, нане, џем од овошје, едноставно по ваш вкус.



